За нас


ПСК „Бистра“ при МВР - Скопје е еден од најстарите и најактивните планинарски клубови во РМ. Основан е во 1959 година под патронат на тогашниот Државен секретаријат за внатрешни работи. За време на досегашното негово постоење носител е на повеќе републички и поранешни сојузни признанија.

До 1972 година друштвото е од затворен тип. Во него можеле да членуваат само припадници на службата, односно само работници на МВР. Денес клубот е од отворен карактер, така да во него членуваат освен вработени во МВР, пензионирани работници на МВР, граѓани и нивните семејства.

Досега освен сите планински врвови во РМ и бившите Југословенски планини, меѓу поважните врвови кои се освоени од членови на ова друштво се: Мусала на Рила (Р.Бугарија), највисок врв на Балканот, Вихрен на Пирин (Р.Бугарија), Олимп (Р.Грција), Мон Блан (Франција) највисок врв во Европа, Арарат 5137м., Ерџијас 3997м. и Качкар 3997м во (Р.Турција), Дамаванд (Иран), Елбрус (Русија) Килиманџаро и Понт Ленана (Африка), Грос Глокнер (Австрија), Аконкагва 7035м. (Америка).

Клубот почнувајќи од 1978 год секоја година во април месец организиора планинарски маратон од Богомила преку Пл. дом Чеплес-Солунска Глава-Караџица-Марков манастир-до врв на Водно, во должина од 100км. Од пред 20 год. друштвото организира и есенски маратон на истата релација.

Во ноември 2016 година член од овој клуб (Буран Сали) славеше 900-то искачување на врвот Солунска Глава.

По повод 11-ти Октомври друштвото 16 год. организираше планинарски слетови на врв Водно.

Клубот повеќе од 30 год. соработува со планинарски друштва од Србија и Црна Гора кои се при МВР. Друштвото 10 год. соработуваше со планинарско друштво од МВР на Р.Бугарија.

Почнувајќи од 1963 год. клубот успешно стопанисува со планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врв Водно.

За годините 1994, 1995, 1996, 1997, 1998, 1999, 2000, 2001 и 2002 год. клубот е прогласуван за најактивно планинарско друштво во Република Македонија.

Членови од овој клуб досега биле заменици на претседателот на Планинарскиот сојуз на Македонија, на Сојузот на планинарски спортови на Македонија, на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и на Македонската планинарска федерација како и претседател на Градскиот планинарски сојуз, и членови или претседатели на разни комисии.

Досега за активностите на овој клуб снимени се повеќе од 15 ТВ и радио емисии, како и повеќе од 30 написи во дневно информативни весници.

Членови од нашиот клуб се одликувани со златна плакета “Даре Џамбаз“ за високи подвизи во планинарството.

Клубот во месец јануари секоја година организира средба на ветерани и дружење со постарите членови од клубот.

Клубот има програма за работа за цела година, за секој месец и секој викенд во годината. Од покрупните планинарски акции, членови на друштвото патуваа во Исламската Република ИРАН со цел искачување на највисокиот врв на Средниот Исток, ДАМАВАНД 5671м. Исто така се патуваше во Р.Франција со цел искачување на највисокиот врв во Европа, МОН БЛАН 4807м. како и во Р.Турција со цел искачување на Библиската планина АРАРАТ 5137м.

Клубот стопанисува со Планинарскиот дом „ДАРЕ ЏАМБАЗ“ на врв на планината Водно, кој се наоѓа на 1060 метри надморска висина. Домот кој е на КП бр.1 место викано Голема Стена на К.О. Горно Соње, е сопственост на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија (или поранешниот Планинарски сојуз на Македонија) врз основа на правосилна пресуда на Општинскиот суд Скопје 1 Скопје ВИ П.бр.2863/83. Домот е изграден во текот на 1955 година. Во самата пресуда е утврдено дека со Планинарскиот дом од 1963 година до денес управува Планинарското друштво „БИСТРА“ Скопје.

Претседател на Планинарскиот спортски клуб е Коле Мајнов.

 

Адреса: Планинарски спортски клуб „БИСТРА“ при МВР Скопје Ул. “Димче Мирчев“ бб. Скопје, П.Фах 504

Жиро сметката на Планинарскиот спортски клуб „БИСТРА“ при МВР Скопје е:200000779624203 Број за ДДВ МК 4030985225576 Депонент: Стопанска банка

 

ПСК „БИСТРА“ при МВР - СКОПЈЕ